Повеќе нема да возам во пијана состојба

Сѐ започна како исклучок од моето правило никогаш да не возам пијан. Пред околу 7 – 8 години една вечер со моето друштво бевме на забава, на која отидов со мојот автомобил. Знаев дека ќе консумирам алкохол, но сепак се решив да возам. Дури и причината за таквата моја одлука не е целосно јасна во овој момент. Можеби поради тоа што сум сакал да заштедам за да не плаќам такси, или пак да одам каде сакам и кога сакам за време на забавата без притоа да имам било какви ограничувања. Таа вечер немаше никаков инцидент. „Безбедно возев“, не направив сообраќајка, не удрив никого со автомобилот и што беше во тој момент најважно за мене не ме сопре и не ме казни полицијата.

По првиот исклучок дојде и вториот, па и третиот и некако по инерција, ми стана правило да правам исклучоци од моето правило да не возам во пијана состојба. Возењата во алкохолизирана состојба се зачестија и станаа секојдневие, како што и јас самиот пропаѓав во зависноста од алкохол. Возев пијан и дење и ноќе, па и наутро. Никогаш немаше никаков проблем. Никогаш не удрив никого, не повредив никого, но она што беше се уште најважно за мене е дека не ме сопираше полиција. Се разбира дека имав страв. Ги учев скопските улици по кој ретко сопираше полицијата и се движев исклучиво по нив. Тоа дури и ми стана опсесија. Сосема го изгубив она чувство дека во ризик ги ставам останатите учесници во сообраќајот, луѓето кои беа со мене во автомобилот, вклучувајќи го и мал син — најмилото нешто во мојот живот. Едноставно немав грижа за никого.

Дури и научив како треба да возам пијан. Секогаш малку поспоро, на поголемо растојание од автомобилот пред мене, застанував на пешачки премини, не свирев… Факт е дека со пиењето на алкохолот се намалуваат способностите за возење на автомобил. Се успоруваат рефлексите, се губи чувството за ориентација, станувате неспособен да фокусирате и да ја одредувате раздалеченоста - сигурна формула за сообраќајка. Мислев дека со мојот „стил“ на возење нема да се доведам во опасност дури и кога сум „камен“ пијан.

Воопшто не сметав дека доведувањето на ризик на другите е штета која ја правам кон општеството.

Пред неколку месеци ја започнав програмата во Нарконон и се соочив со глупостите кои сум ги правел во пијана состојба. Тука влегуваше и пијаното возење. Согледав дека премногу пати сум го загрозувал животот, здравјето и сопственостите на останатите учесници во сообраќајот. Единствено среќата ме спасила што никогаш ништо не сум оштетил или некого повредил. Јасно е дека го загрозувате животот на нечив син, ќерка, родител, брат, сестра… Кога во трезна состојба се свртев и помислив само дека тој некој може да биде мојот син, сопруга, брат, мајка, сватив колку всушност сум бил опасен за сообраќајот.

Со оглед на тоа што ѝ ставив крај на мојата зависност од алкохолот, јасно е дека повеќе нема да возам во пијана состојба. Но, она што е уште побитно е дека нема ни да помислам да седнам во автомобил со пијан возач, и дека нема да дозволам никој близок до мене да вози пијан. Тоа е најмалку што можам да направам.

Р. Н. — Студент во Нарконон Балкан

АВТОРОТ

Narconon Balkan

НАРКОНОН БАЛКАН

ЕДУКАЦИЈА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА ОД ДРОГА

Добијте помош сега
ЈАВЕТЕ СЕ НА